За Алијансата на Албанците Максим Димитриевски е „патриот на батерии“

Алијансата за Албанците оценува дека Максим Димитриевски може да ја напушти Владата затоа што знае дека ќе има предвремени парламентарни избори, а прашањето за правосудниот испит го користи како тема за предизборната кампања и обид да се претстави како „голем патриот“.

Во партиското соопштение се наведува дека Димитриевски се обидува да го поправи својот рејтинг со отворање на ова прашање, откако, според Алијансата за Албанците, ги потрошил сите други политички адути.

„Но, големиот патриот, всушност, е патриот на батерии од Кина“, се наведува во реакцијата.

Од Алијансата за Албанците иронично прашуваат со какви други пораки Димитриевски би можел да им се обрати на гласачите во предизборната кампања.

„Што друго би им кажал на гласачите во кампањата? Ќе го вратиме името на државата? Ќе обезбедиме бесплатен јавен превоз? Ќе го реконструираме градскиот плоштад?“, се вели во соопштението.

Според партијата, со ваквиот пристап Димитриевски се обидува, колку-толку, да го подобри својот рејтинг за еден процент, но без успех.

„Значи, сите други карти му се потрошени. Со ваквиот пристап се обидува, колку-толку, да си го поправи рејтингот за еден процент, но залудно. Прочитана карта!“, се наведува во соопштението на Алијансата за Албанците.