Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека нема да има никакви територијални отстапки кон Русија во пресрет на закажаната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за иднината на војната во Украина, пишува Би-Би-Си.
Средбата меѓу лидерите на САД и Русија е закажана за 15 август во Алјаска.
Неколку часа пред да објави дека е договорена средбата, Трамп во петокот сигнализираше дека Украина можеби ќе треба да отстапи дел од својата територија за да се стави крај на војната, која започна со целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
Зеленски денеска преку објава на „Телеграм“, порача дека „Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“. Тој повтори дека Украина мора да биде вклучена во секое решение за мир и дека е подготвен да работи со партнерите за „вистински“ и „траен“ мир.
„Украина нема да ја награди Русија за она што го направи,“ истакна Зеленски. „Одговорот на украинското територијално прашање веќе е запишан во Уставот на Украина. Никој нема и не може да отстапи од тоа“, додаде тој.
Неговата изјава следеше по коментарите на Трамп во Белата куќа дека „ќе има некаква размена на територии, на добробит на двете страни“. „Гледате територија за која се војуваше три и пол години, загинаа многу Руси, загинаа многу Украинци“, рече американскиот претседател, без да даде дополнителни детали за предложеното решение.
Откажување од дел од територијата за мир е став што Трамп го повторува подолго време, но Зеленски постојано истакнува дека тоа е неприфатливо според украинскиот Устав и би претставувало награда за Русија за започнување на војната.
Иако украинскиот претседател внимателно избегнува директни критики кон Трамп, неговата порака на социјалните мрежи јасно покажува дека не прифаќа такво сценарио.
Зеленски нагласи дека Украина е подготвена за „вистински решенија кои можат да донесат мир“, но предупреди дека секое решение против Украина или донесено без нејзино учество „е истовремено решение против мирот“.
„Подготвени сме, заедно со претседателот Трамп и со сите партнери, да работиме за вистински и, најважно, траен мир – мир кој нема да се урне поради желбите на Москва“, рече Зеленски.
Ова е токму сценариото од кое Украина и многу европски сојузници се плашеа, односно Трамп и Путин да се обидат да постигнат договор без Украина на масата.
Иако реториката на Трамп за Русија се заостри во последните месеци, за Украина таа сè уште не е проследена со конкретни дејствија. Рокот што го постави за Русија да прифати прекин на огнот или да се соочи со нови санкции веќе истече, без видливи последици.
Американската телевизија CBS News, повикувајќи се на висок претставник на Белата куќа, објави дека сè уште постои можност Зеленски да биде вклучен на некаков начин, бидејќи подготовките за средбата во петок се во тек.
На терен, постои загриженост дека првичните мировни разговори можеби нема да ја вклучат Украина. Меѓу војниците и цивилите со кои разговараше BBC, силна е желбата за мир, но и заморот од постојаните борби и руските напади со дронови и ракети. Сепак, има малку докази дека Украина е подготвена да прифати мир по секоја цена – особено не оној што би ѝ бил наметнат без нејзин глас.