Миналов замина од АХВ, го наследи Андовски, причините непознати

Директорското место во Агенцијата за храна и ветеринарство го напушти Оливер Миланов, а на негово место е назначен доскорешниот заменик-министер за здравство Јовица Андовски. Информацијата ја потврди Социјалистичката партија, чии кадри се двајцата.

Благодарност до другарот Оливер Миланов за неговото успешно раководење со Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија во интерес на сите граѓани, како и за достојното претставување на СПМ на чело на оваа исклучително значајна институција. Неговиот вложен труд и несебичен ангажман, високо оценети во СПМ и во јавноста, претставуваат негов личен залог за идно извршување на одговорни и високи должности во ресорот на извршно ниво,. Честитки и за другарот Јовица Андовски, доскорешниот долгогодишен заменик министер за здравство, за неговото именување за директор на АХВ на РМ, стои во објавата на Фејсбук.

Денеска Агенцијата за храна и ветеринарство реагираше и на изјавата на тврдењата на претседателот на Асоцијацијата на сточари Насер Џамаили кој во изјава за една телевизија рече дека оставката е поради притисокот и незадоволството на сточарите поради доцнењето на вакцините против сипаници кај овците и козите.

Му порачуваме на господинот Џемаили да не си припишува значење и влијание што во конкретниот случај ги нема. Кадровските одлуки од ваков вид се прашање на лични, политички и институционални одлуки, во кои барањата на Асоцијацијата на сточари не се фактор, што ја определува нивната содржина или исход. Оттука, обидите за прикажување на нивното барање како причина за заминување на директорот Миланов се неосновани и не придонесуваат за објективно информирање на јавноста, велат од АХВ во објава на Фејсбук.