Северна Македонија покажа посветеност во спроведувањето на реформите во рамки на Реформската агенда, но земјата треба да ја покаже иста одлучност и за напредок на својот пристапен пат со усвојување на уставните реформи што претставува нејзин услов согласно заклучоците на Европскиот совет од 18 јули 2022 година, изјави еврокомесарката Марта Кос при денешната презентација на Пакет-извештајот на Европската комисија за проширувањето за 2026 година.
Содржина
„Цел на Европската комсија останува да го отвориме Првиот кластер штом ќе се исполнат условите. Сега тоа зависи од Северна Македонија, истакна Кос, додавајќи дека е регистриран напредок во исполнувањето на критериуми од Првиот кластер.
Комисијата оценува дека земјава продолжи да работи на почетните одредници кластерот „Основни вредности“, што вклучува усвојување на мапата за реформа на јавната администрација и континуирана работа на мапата за владеење на правото, заедно со придружниот акциски план за малцинствата.
„Потребни се дополнителни напори за зајакнување на владеењето на правото. Земјата постигна значителен напредок во спроведувањето на реформите во рамките на својата Реформската агенда, што ја прави една од најдобрите во рамките на Програмата за реформи и раст. Засилените напори за усвојување на потребните уставни измени и исполнување на почетните одредници остануваат од суштинско значење за да се движи напред процесот на пристапување, заклучува Европската комисија.
Притисоци врз судството и новинарите, застарување на корупциски предмети, слабости во заштитата на човековите права
Во делот од Извештајот на Европската комисија за земјава за 2026 година како забелешки се посочуваат политички притисоци врз судството, одолговлекување и застарување на корупциски предмети, загубени европски средства, ризици во јавните набавки, недоволна независност на медиумите и сериозни слабости во заштитата на човековите права.
Според документот, во две третини од преговарачки поглавја не се бележи напредок или тој е ограничен. Иако се посочуваат и позитивни поместувања, се додава дека голем број препораки од претходната година остануваат неисполнети.
Во Извештајот се оценува дека судските постапки траат подолго, дека конфискацијата на имот стекнат на криминален начин е значително намалена, правните притисоци врз новинарите се зголемени, а во повеќе сектори усвоените закони и стратегии остануваат без доволно кадар, средства и резултати.
Судскиот систем е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка и бележи одреден напредок. Нема напредок во борбата против корупцијата, која и понатаму останува распространета и претставува сериозна причина за загриженост, оценува Европската комисија.
Според документот, демократските институции генерално функционираат стабилно, но политичката поларизација продолжува да го одложува усвојувањето на важни реформски закони.
Нема обиди за усвојување на уставните измени
Во однос на пристапниот процес се посочува дека не беа направени обиди за усвојување на релевантните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година.
„Земјата се обврза да ги започне и постигне овие промени, со цел да ги вклучи во Уставот граѓаните кои живеат во рамките на државните граници и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“, се додава во Извештајот.
Во делот на добрососедските односи и регионална соработка се посочува дека од суштинско значење останува постигнувањето опипливи резултати и спроведувањето на билатералните договори со добра волја, вклучително и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и неговиот Протокол со Бугарија.
„Потребни се значителни дополнителни напори за унапредување на атмосферата на дијалог и меѓусебно почитување. Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања одржа четири состаноци во периодот од септември 2025 до март 2026 година, но без опипливи резултати.
Се забележува и дека членови на Владата и високи функционери повремено го игнорираат Преспанскиот договор и не го користат уставното име на државата, што, според Извештајот, претставува ризик за добрососедските односи со Грција.