Цените на бензинот и дизелот во Европската Унија достигнаа највисоко ниво откако Европската комисија почна да ги следи податоците во 2005 година, а дополнителен раст на цените е можен и во наредниот период.
Според податоците на Европската комисија, на 14 септември просечната цена на бензинот во ЕУ изнесувала 2,063 евра за литар, додека дизелот се продавал за просечни 2,159 евра за литар.
Тоа значи дека за резервоар од 50 литри биле потребни околу 103 евра за бензин и 108 евра за дизел.
Цените значително се разликуваат од една до друга земја. Најевтин бензин е регистриран во Малта, со 1,34 евра за литар, додека најскап бил во Данска, каде што достигнал 2,56 евра. Кај дизелот, Малта повторно била најевтина со 1,21 евро за литар, додека највисока цена имала Финска – 2,51 евро.
Според податоците објавени во неделниот билтен за нафта на Европската комисија, цените ги вклучуваат даноците и акцизите.
Поскапувањето на горивата е поврзано со нарушувањата во снабдувањето со нафта и повисоките трошоци за нејзина преработка. Цената на суровата нафта „Брент“ во текот на конфликтот на Блискиот Исток надмина 126 долари за барел, додека во петокот барел за испорака во следниот месец се тргувал за повеќе од 104 долари. Пред конфликтот, цената била околу 72 долари.