Излезноста во Брвеница до 13 часот е 27,81 процент, гласале 4.518 граѓани

Излезноста во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 13 часот изнесува 27,81 процент, односно своето право на глас го оствариле 4.518 од вкупно запишаните избирачи, информираат од Државната изборна комисија.

Според пресекот направен во 13 часот, податоците се пристигнати од сите 24 избирачки места.

Во споредба со првиот круг од изборите, одржан на 18 октомври 2026 година, излезноста е зголемена за 7,31 процентен поен.

Во однос на заштитата на личното избирачко право, до 13 часот во ДИК пристигнал еден приговор, кој бил усвоен, по што на гласачот му било овозможено да гласа.

Следниот пресек на излезноста и информациите за текот на гласањето ДИК ќе ги соопшти на прес-конференција во 15:30 часот во седиштето на Комисијата.